Ортопедија Штип

Pectus carinatum

Заболувањето на коските на градниот кош е причина за настанување на деформација која се јавува во три вида: испакнати, вдлабнати и рамни гради. Испакнатите гради најчесто се јавуваат во раното детство и се последица на рахитис, а во многу ретки случаи може да биде и вродена деформација. Клиничката слика на овој деформитет е карактеристична положба на градната коска која е подигната напред и горе, особено со својот долен дел. Кај народот оваа состојба е позната како кокошкини гради. Локализацијата најчесто е на двете страни, иако може да се јави и само на едната страна и ваквата деформација опфаќа релативно потешки промени на коскените елементи. Поради тоа, корективните вежби и третманот во целост ќе бидат многу отежнати и ќе бараат многу внимателен пристап. Сите претходно набројани симптоми не претставуваат единствени морфолошки и клинички последици како одраз на овој деформитет. Промените кои настануваат во обликот на градниот кош негативно влијаат на нормалната функција на дишниот и срцево-садовниот систем. Дишните движења се намалуваат, виталниот капацитет исто така, а сето тоа има одредено влијание на работата на срцето и циркулацијата. Раната дијагностика и користењето на соодветна терапија препишана од лекар ќе бидат најважни за успешно справување и отстранување на овој деформитет.
Значењето на превентивно-корективните активности:

Превенцијата би се состоела во правилната исхрана и употребата на неопходните витамини во исхраната на детето уште од неговото раѓање, со што ќе ја елиминираме опасноста од појава на рахитис, кој знаеме дека се јавува поради недостаток на витаминот Д. Што се однесува до физичките вежби, тие треба да бидат насочени кон активирање на целокупната мускулатура со посебен акцент на градниот кош и стомакот. Може да се користат и разни вежби за дишење и тие треба по можност да се изведуваат во чиста средина т.е во природа. При дишењето се форсира процесот на вдишување, додека издишувањето треба да е намалено. Вежбите за дишење се проследни со некое движење кое овозможува правилно движење на градниот кош. Корективното пливање и користењето на одредени движења во вода ќе биде во функција на корекција и спречување на понатамошен развој на деформацијата.

 

*Текстот има информативен карактер и не е заменана за професионален медицински преглед, дијагноза или третман.

Leave a Comment